Лазаров без грешка, Нант ја отвори Европската лига со победа

Кокс - Нант 28:40 (14:18)
Кирил Лазаров со победа ги започна настапите во Европската лига, едно од ретките натпреварувања кое не го освои.
Неговиот Нант со 28:40 славеше на гости кај фински Кокс, а Лазаров постигна четири гола и тоа од четири обиди. Финскиот тим изненади уште од самиот почеток кога имаше водство од еден до два гола разлика. При резултат 7:7, ракометарите на Нант го презедоа водството во своја корист и првото полувреме заврши со нивна предност од 14:18.
Момците на Енрериос се разиграа по одморот и ја направија победата супер-убедлива (28:40).
Милан Милиќ, Валеро Ривера и Александре Кавалканти беа најдобри кај Нант со по пет гола, додека по нив следеше Кирил Лазаров со четири реализации од четири обида. Кај Кокс, Ѓекиќ стрелаше осум пати.
Во останатите натпревари од првото коло во групата Б, ГОГ Гудме го совлада рускиот тим Чеховски Медведи во Русија со 32:39, а Лемго пред своите гледачи загуби од Бенфика со 29:30.




