Лазаров: На добар пат сме, имавме успешен тест

Македонската ракометна репрезентација загуби со 29-26 на првиот од двата контролни натпревари против Србија, на кој селекторот Кире Лазаров тестира играчи исклучиво од домашната Супер-лига.
Ако се знае дека Србите настапија со бројни интернационалци јасно е дека македонскиот селектор може да биде задоволен од првото издание на своите избраници.
„Јас го доживеав натпреварот како официјален, на некој начин како квалификациски, и така се поставивме и така момците се однесуваа на терен и покрај тоа што лошо почнавме со сериозна негатива. Но, верував и знаев дека тоа се само почетни импресии кај играчите и дека ќе се вратат во игра. Ова е нова генерација, млади играчи кои немаат доволно минутажа во клубовите во текот на сезоната, и затоа може генерално да оценам дека имавме успешен тест кој ни кажува дека сме на добар пат", рече Лазаров.
В недела од 16:00 часот следи вториот тест на Б селекциите на Македонија и Србија.




