Барса подобро финишираше и го совлада Нант во полуфиналето на ЛШ

Барселона - Нант 31:26 (15:13)
Барселона го победи Нант со 31:26 во второто полуфинале во ракометната Лига на шампиони, и ќе игра во финалето против сензацијата Алборг кој е прв дански тим што дошол до финалето.
Барса отвори добро, веднаш поведе со 3:0 и имаше резултатска контрола уште од стартот. Нант се врати во средината на првиот дел, дојде до минус еден во неколку наврати, ама на пауза губеше со 15:13. Француската екипа одлично го отвори вториот дел, ја анулира негативата и првпат дојде до егал (17:17). Сепак, Барселона искусно одговори на тоа со серија од 3-0 со која пак дојде во поволна позиција. Со уште две мини-серии, шпанскиот гигант дојде на огромни шест голови позитива, предност која до крајот им дозволи полесна игра и убедлива победа.
Најпрецизен играч на натпреварот беше Ривера со шест реализации, а кај Барса беа Дика Мем и Абељо Гомес со по пет погодоци, додека четири даде Јуре Доленец.
Кирил Лазаров против својот поранешен клуб даде два гола, и тоа му помогна повторно да избие на чело на најдобрите стрелци во историјата на „фајнал-фор" турнирите во ракометната Лига на шампионите. Барселона има неверојатна сезона со 59 победи на 59 меча во сите натпреварувања, и им фали еден триумф за историја.




