Лазаров доби ден одмор, Нант го прегази Лимож

Нант - Лимож 39:22 (18:12)
Екипата на Нант во фантастична форма ја завршува сезоната во францускиот и европскиот ракомет. По пласманот на завршниот турнир на Лигата на шампионите, екипата на Алберто Ентрериос реди победи и во домашниот шампионат, па со сигурност оваа сезона ќе биде една од најуспешните за оваа екипа. Попладнево полуфиналистот во Лигата на шампионите го совлада Лимож со 39:22 и потврди дека сака со стил да го заврши и домашното првенство.
На полувреме тимот на Лазаров имаше водство од 18:12, а во продолжението Нант доминираше уште повеќе и постојано ја зголемуваше позитивата за конечна победа со високи 17 гола разлика.
Тео Монар постигна седум гола, а го следеше Балагер со шест гола. Нашиот Кирил Лазаров доби слободен ден и не настапи на овој натпревар. Со овој триумф Нант останува на третата позиција и ја продолжува победничката серија.




