Лазаров со девет гола го порази најскапиот тим во светот

Барселона – ПСЖ 35:32 (14:14)
Во спектакуларен меч на двете екипи со најдобар учинок во досегашниот тек на Лигата на шампионите, Барселона во „Палау Блауграна", Барселона го совлада ПСЖ со 35:32 (14:14). Од македонските интернационалци Борко Ристовски не доби шанса, а Кирил Лазаров повторно блескаше и беше најдобар играч и стрелец во победничката екипа.
Големиот меч започна израмнето и со напоредно голови од двете страни по 10 минути резултатот гласеше 5:5. Ривера и Жалуз погодија за гостите, а Јенсен парираше за скапиот тим на Сердарушиќ.
Сепак во централниот дел од првиот дел носени од Хансен и Абало гостите први дојдоа до +2. Десетина минути екипата од Франција ја одржуваше оваа предност, за во финишот на првиот дел Ласе Андерсон и Лазаров да израмнат на 14:14. Со овој нерешен резултат се замина на одмор, а тоа гарантираше неизвесно продолжение.
На почетокот од второто полувреме за првпат Барса поведе со два гола разлика со головите на Томас и Сипржак (18:16). Генсхајмер со два гола, двата спектактуларни брзо го врати ПСЖ во егал (18:18). Тогаш Лазаров стапи на сцена и постигна уште два гола за 22:20 во 41 минута.

На секој обид на гостите да се доближат, одговараше Жалуз и при 24:21 Нока Сердарушиќ побара минута одмор. Сепак моќниот и богат тим на ПСЖ со нови голови од котранапад на Абало и Генсхајмер израмни на 25:25 во 47 минута. Кога Хансен реализира најстрога казна за гостите, Пасквал побара минута одмор при 26:26.
Јунакот од првиот натпревар, Ремили кој во Париз даде 9 гола, седумпати по ред погреши, а Гонзало Перез де Варгас го маѓепса својот гол и му овозможи на својот тим со двата гола на Томас и седмерецот на Лазаров да побегне на 29:26.
Следеше нова „бомба" на нашиот капитен и одлепување на три гола по кои Барса со манир на искусна екипа го приведе мечот кон крај за победа од 35:32.
Во домашната екипа најефикасни беа Лазаров со 9 гола, Жалуз даде 6, а Гонзало мечот го заврши со 14 интервенции. Кај ПСЖ, Хансен даде 7 гола, но сите од казнени удари. Никола Карабатиќ беше автор на 6 гола, а Абало даде 5. Оваа победа сега го лансира тимот на Барселона како лидер во групата и најсериозен кандидат за освојување на првото место на крајот од групната фаза.




