Барса се загреваше за ПСЖ и го совлада Анхел Хименез

Анхел Хименез – Барселона 29:35 (15:19)
Ракометарите на Барселона забележаа нова победа во ASOBAL лигата, откако вечерва на гостувањето кај Анхел Хименез триумфираа со 29:35 (15:19). Борко Ристовски застана меѓу стативите, а штом влезе Кирил Лазаров од егал почеток, Барса брзо замина на 7:10 во 13. минута. На нашиот репрезентативен капитен му помогнаа Сорондо и Ласе Андерсон за на полувреме Барса да замине со солидни +5. Рудовиќ и Мореира Родригез во оваа фаза беа ракометарите кои како-така им парираа на фаворитите од Каталонија.
На почетокот на вториот дел Борко Ристовски одбрани неколку топки, а Жалуз и Лазаров погодија во првите два напади на фаворитот по одморот. Сепак Јосиќ и Рудовиќ со неколку неодговорени голови го вратија тимот на Анхел Хименез до подносливи 23:27. Но, кога и да се доближуваа домаќините, Барса возвраќаше со серија на голови, па Лазаров, Томас и Жалуз брзо донесоа 23:30. До крајот без многу закани за драматика Барса го совлада тимот на Анхел Хименез со 29:35.
Во екипата на Барселона, Кирил Лазаров постигна 6 гола, а Борко Ристовски собра 8 интервенции. Уште кај победничката екипа се истакнаа Жалуз со 5 и крилото Ривера со 4 гола. Во таборот на Анхел Хименез најефикасни беа Јосиќ и Рудовиќ со по 7 гола. В сабота во „Палау Блауграна" екипата на Барселона го пречекува ПСЖ, единствената екипа од која загуби оваа сезона во официјален натпревар.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




