Најмногу настапи и најмногу голови на Лазаров во „стотката“ на Барса

Утре пред натпреварот од ASOBAL лигата помеѓу Барселона и Адемар Леон, организаторот со пригодна свеченост ќе го одбележи јубилејот од 100 последователни победи на Барса во домашниот шампионат.
Позната е и деталната статистика која го исфрла во прв план нашиот Кирил Лазаров кој има убедливо најдобра статистика од сите ракометари, посебно оние кои се дел од три и пол годишната доминација.
Лазаров и Сорондо со по 92 натпревари се ракометарите со најмногу настапи во „стотката". Веднаш зад него се Раул Ентрериос и Аитор Арињо со по 90 и Виран Морос со 89 настапи. Од сите стрелци во 100 победи на момците на Пасквал, Лазаров е најефикасен со 433 гола. Нашиот репрезентативен капитен постигна дури 133 гола повеќе од Нодесбо, кој е втор на оваа листа со 300 гола. Потоа следуваат Арињо со 290 и Томас со 286 гола.
Нашиот ракометар е уште непоразен во дресот на Барселона и во сите три претходни сезони беше најдобар клупски стрелец.




