Гонзало и Лазаров творци на голема победа на Барса над Веспрем

Барселона - Веспрем 26:23 (16:11)
Кирил Лазаров се соочи со неговиот поранешен клуб и одигра одличен натпревар во рамките од петтото коло на Лигата на шампионите. Барса го совлада Веспрем со 26:23 (16:11) и остана со максимален учинок во елитниот европски Куп.
Токму нашиот репрезентативен капитен го постигна првиот гол во мечот, а Унгарците мака мачеа да го најдат патот до мрежата на Гонзало и дури во 8 минута го постигнаа првиот гол преку Хрватот, Сулиќ. Барса однапред како да знаеше како да ја пробива одбраната на европскиот вицешампион и покрај Лазаров погодуваа и крилата и Жалуз.
Така предноста на момците на Пасквал изнесуваше 3-4 гола, а по одбранетиот седмерец на Гонзало де лас Варгас, капитенот Томас по додавањето на Лазаров погоди за 9:5. Предноста на Каталонците стануваше загрижувачка за Унгарците, а нивните технички грешки се редеа. По две пресечени топки крилата Томас и Арињо зголемија на 16:10 и до одморот само уште Палмарсон погоди за и натаму високи 16:11.
Вториот дел започна со петти гол на Лазаров и нова клучна одбрана на Гонзало. Кога Сипржак погоди во 34. минута, предноста веќе беше +7. Екипата на Хавиер Сабате направи серија 4:0 и одненадеж се врати во мечот за 20:17 во 40 минута.
Расположениот Лазаров постигна и шести гол за 21:18 и игра гол за гол во централниот дел од второто полувреме. Возврати Момир Илиќ со гол низ зоната на Барса за 22:20 во 47 минута. Сепак Гонзало со серија на одбрани (мечот го заврши со неколку одбранети зицери) не им дозволи на гостите да се вратат во натпреварот.
Жалуз со атрактивен цепелин го заврши мечот, а Угалде успеа само да ублажи на 26:23. Тунижанецот беше најефикасен со 7 гола, Лазаров постигна 6 гола и имаше 4 асистенции, Томас даде 5 погодоци, а Гонзало блескаше меѓу стативите со 19 интервенции. Кај Унгарците Миклер бранеше одлично во вториот дел, а Словенецот Гајиќ даде 5 гола и беше најефикасен меѓу своите.




