Барса рутински ја доби Вила де Аранда за 99 последователна победа во Шпанија

Барселона – Вила де Аранда 36:28 (19:8)
Ракометарите на Барселона забележаа и осма победа во исто толку натпревари од ASOBAL лигата, откако вечерва во „Палау Блауграна" ја совладаа екипата на Вила де Аранда со 36:28 (19:8). Оваа победа е 99 по ред за првакот на Шпанија, екипа која скоро четврта сезона не знае за пораз во лигашки натпревар.
Нашиот Лазаров одлично го започна мечот како додавач, за потоа да го постигна и првиот гол. До 5:4 ракометарите на Алваро Сеновиља парираа, а потоа со одлична одбрана, интервенции на Гонзало и брзи и лесни голови на крилата, Барса победа до +9. Со истата инерција и првите голови на Дика Мем и Јаспер Нодесбо, првиот дел заврши со 19:8 за фаворитот.
Второто полувреме започна со серија на Сорондо и неколку гола на Раул Ентрериос. На голот застана Борко Ристовски и со неколку одбрани се вклопи во мечот. Кога предноста на домашната екипа стана огромна и Хавиер Пасквал започна да го ротира целиот ростер, гостите поразот го направија прифатлив.
Најефикасни во победничката екипа беа Лазаров и Сорондо со по 6 гола, но капитенот на нашата репрезентација со серија на асистенции играше одлично за екипата. Борко Ристовски меѓу стативите за едно полувреме собра 10 одбрани. Кај поразениот тим на Вила де Аранда, одличен меч одигра Раул Нантес со 7 гола, а Матијан Бонавентуре беше автор на 5 гола.
В сабота од 19.15 часот екипата на Барселона го има најтешкиот тест од почетокот на сезоната, бидејќи европскиот вицешампион Веспрем гостува во „Палау Блауграна". Овој меч е посебен за Кирил Лазаров, бидејќи неколку години помина токму во дресот на Веспрем и ги освои сите домашни титули во дресот на славниот унгарски клуб, а стигна и меѓу четири најдобри екипи во Лигата на шампионите.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




