Лазаров одличен, Барса се врати со полн плен од Полска

Висла Плок – Барселона 23:28 (12:11)
Ракометарите на Барселона со победа ја започнаа новата сезона во Лигата на шампионите, откако во Полска ја совладаа екипата на Висла Плок со 23:28 (12:11). Одличното второ полувреме и играта на нашиот Кирил Лазаров кој одигра комплетен натпревар со голови и асистенции, беа факторот на одлука.
Мечот беше дуел на шпанските голмани Гонзало и Коралес и враќање на Валеро Ривера во Лигата на шампионите во дресот на Барса, во меч во кој беше и најдобар стрелец. Барса започна лошо и по 3:0, дури во петтиот напад Раул Ентрериос постигна водечки гол. Целото прво полувреме полските ракометари играа полетно, па и покрај одбраните на Гонзало, Висла Плок поведе со 10:6. Пушица одигра одличен период од мечот, но во последните минути од првиот дел Лазаров и Виран Морос намалија на 12:11 за скоро рамноправен влез во второто полувреме.
На почетокот на второто полувреме Барса направи серија 0:4 и го презеде тимонот на мечот во свои раце. Раул Ентрериос и голманот Гонзало му се придружија на Лазаров и предноста на гостите од минута во минута растеше. Полека се разиграа сите гостински ракометари и Виктор Томас и Валеро Ривера постигнаа неколку лесно голови за 20:26 и мирен финиш. Подоцна без треперење екипата на Пасквал го приведе мечот кон крај со финални 23:28.
Барселона ја отвори новата сезона со одлично второ полувреме во кое првакот на Шпанија ја наметна својата игра и квалитет. Ривера со 7, Жалуз со 6 и нашиот Кирил Лазаров со 4 гола беа први имиња на средбата, а рамо до рамо со нив беше и Гонзало на голот. На спротивната страна за вицешампионот на Полска се истакнаа Ивиќ и Житников со по 4 гола.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




