Македонците најдобри во уште една рутинска победа на Барса

Барселона - Сиудад Енкантада 34-15 (16-8)
Ракометарите на Барселона ја забележаа четвртата победа во домашниот шампионат и подготвени ја чекаат новата Лига на шампиони. Во „Палау Блауграна" вечерва е совладана екипата на Сиудад Енкантада со 34-15 (16-8) во рутинско издание на шампионот.
Мечот почна со три израмнувања и најава дека гостите од Куенка се силно мотивирани. Тогаш двајцата Македонци во таборот на Барселона направија серија 4-0. Борко Ристовски на голот имаше неколку добри интервенции, а Лазаров со два гола зголеми на 7-3.
Пабло Вајнштајн погоди за Сиудад Енкантада, но пак возврати Лазаров и погоди и Сипржак за 12-6 и конечно вистински ритам за фаворитот. До полувремето Ласе Андерсон и Кирил Лазаров постигнаа уште неколку гола за 16-8 и спокојна игра за екипата на Чави Пасквал.
Второто полувреме започна со серија 5-1 на домашната екипа и голови на Ентрериос и Арињо за извесна победа и прва двоцифрена предност (21-9). Полека домашниот стручен штаб ги изротира сите свои ракометари, па шанса доби Дика Мем и погоди за двојна разлика од 26-13.
На многу лесен начин домаќините го приведоа мечот кон крај за финална победа од 34-15 со голови на Ривера и Мем во самиот финиш. Во екипата на Барселона, Кирил Лазаров постигна 5 гола, а Борко Ристовски имаше 15 интервенции и нашите двајца интернационалци најмногу се истакнаа во победничката екипа. Ривера, Ентрериос и Саубич со по 4 гола беа исто така ефикасни во тимот на Пасквал. Кај Куенка најпозитивен беше Вајнштад со 4 гола.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




