Лазаров: Ова е тешка мисија, но се надевам остварлива

Македонската ракометна селекција ги доживува најтешките моменти во поновата историја. По очајниот настап на ЕП во Полска и неуспехот во квалификациите за пласман на ЛОИ во Гдањск, во пресрет на реванш дуелот од бараж средбата за СП против Чешка се наоѓаме во тешка ситуација, со шест гола негатива. Капитенот Кирил Лазаров, како и по мечот во Злин, така и денес истакна дека е оптимист, но и дека мора да се биде реален.
„Мора да бидеме оптимисти, но секогаш реални. Ќе биде многу тешко бидејќи имаме една многу незгодна негатива. Но ,надеж ни дава она што го увидовме, нашите грешки почнувајќи од нападот, одбраната и голманите. Верувам дека тоа нема да ни се повтори, мислам дека лекцијата е научена, тука ја гледам нашата шанса. Свесни сме дека не очекува еден тензичен и тесен натпревари, во кој верувам дека публиката максимално ќе не поддржи. Ќе има лоши и добри периоди, во лошите ќе треба што побргу да излеземе, додека во добрите да направиме што поголема разлика. Јас сум оптимист, ова е тешка мисија, но се надевам остварлива.

„Свесни сме дека ситуацијата во која се наоѓаме е лоша. Очигледно е дека имаме класа играчи кои не се во најдобра форма. Причини има многу, од типот на Борко кој откако го објави трансферот во Барселона ја грее клупата на Рајн Некер Ловен, потоа Миркуловски има скромна минутажа, играчите на Вардар сезонава се тотално во аут. Тука сум и јас, бидејќи откако испаднавме во четвртфиналето од ЛШ немаме сериозни натпревари, а ниту тренинзи од висок интензитет", изјави Лазаров.
Дуелот против Чешка нашата селекција го игра во среда со почеток од 20:00 часот во СЦ „Борис Трајковски".
ФОТО: Филип Вирановски - www.gol.mk




