Лазаров и Барселона до трета перфектна ASOBAL лига

Грањолерс - Барселона 29:31 (14:19)
Ракометарите на Барселона трета сезона по ред се шампиони на Шпанија со максимални 30 победи од исто толку натпревари. Перфектната лига беше осигурана со победата во последното 30 коло од ASOBAL лигата на теренот на комшискиот Грањолерс со 29:31 (14:19).
На последниот меч на Шариќ, Гурбиндо, Руесга, Сигурдсон и Сармиенто во дресот на Каталонците, момците на Пасквал одиграа авторитетно во финишот на двете полувремиња и со тоа не дозволија Граноњерс да им ја расипе забавата на гостите. Во еден момент Грањолерс се доближи до 21:23, но немаше сили за нешто повеќе од тоа.
Кирил Лазаров одигра уште еден одличен меч и постигна 5 гола од 6 обиди. Во победничката екипа се истакнаа Гурбиндо и Жалуз исто така со по 4 гола и Гонзало со 14 одбрани. Во поразениот табор на Гранољерс најефикасни беа Марк Канељас со 5 и Гарсија Барсело и Пачеко Фиљо со по 4 гола.
Лазаров в понеделник се враќа во Македонија и ќе им се придружи на репрезентативните другари на подготовките за баражот со Чешка на 11 и 15 јуни.




