Офанзивен рекорд на Барса со Лазаров како главна ѕвезда

Теукро – Барселона 25:48 (15:23)
Ракометарите на Барселона забележаа нова победа во ASOBAL лигата, а нашиот Кирил Лазаров одигра феноменален меч во егзибицијата на Барса на теренот на Теукро со 25:48 (16:26). Само три дена по освојувањето на Купот на Кралот, момците на Пасквал дојдоа до уште еден чекор до перфектна сезона од 30 победи.
48 постигнати гола во гости се најдобар гостински учинок во сезоната, а Барса во двете полувремиња делуваше многу помоќно од домашниот тим. Од почетокот Каталонците започнаа моќно, поведоа со 2:5 и наговестија фестивал на голови. Во првите 20 минути Теукро парираше колку што можеше, а потоа мечот отиде на „млинот" на фаворитот. Шариќ во периодот кога беше на голот имаше 50% успешност, а претходно и Гонзало бранеше на исто ниво.
Лазаров погодуваше од сите позиции, а и Сипржак ја користеше секоја топка на линијата. Така на одмор Барса отиде со +8, но со јасна назнака на меч со многу голови.

Целото второ полувреме Барса играше како на млазен погон. Гурбиндо се приклучи со серија на голови од позиција на десен бек, Сипржак заврши со 8 од 8, а нашиот Лазаров ја заврши забавата со девет гола. Барса славеше со високи 23 гола разлика, а на тимот на Теукро му претстои голема борба за опстанок во ASOBAL лигата.
Оваа победа е најдобар можен подарок за математичката потврда на титулата пред една недела. Преостануваат уште четири кола во кои скоро сигурно целта на шпанскиот шампион е да ги освои сите можни бодови и да ја продолжи серијата на непобедливост во Шпанија.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:





