Барса го елиминира Адемар Леон и ќе игра за Куп титулата против Хелветиа Анитасума

Барселона – Адемар Леон 33:27 (20:12)
Ракометарите на Барселона ќе играат во финалето на Купот на шпанскиот Крал во ракомет, откако во првото полуфинале славеше против Адемар Леон во Памплона со 33:27 (20:12). Одличниот почеток на натпреварот им овозможи на момците на Пасквал со голема леснотија да го завршат мечот и да можат дури и да ги заштедат силите за утрешното финале.
Веднаш се наметна Шариќ на голот, а со серијата на контранапади со головите на Томас и Арињо, Барса поведе со 9:4 во 13 минута. Се разиграа и бековите и на разновиден начин Барса ја решеташе одбраната на Адемар Леон за 18:10 во 26 минута. Со најубедливите +8 фаворитот замина на одмор.
Во вториот дел во игра влегоа Раул Ентрериос и Гудјон Валур Сигурдсон и Барса уште повеќе го засили темпото. Ритамот драстично опадна за разлика од првото полувреме, бидејќи победникот беше извесен, а екипата на Барселона без притисок го приведе мечот кон крај за победа од 33:27.
Во победничката екипа се истакна Камил Сипржак со 5 гола, а по 4 постигнаа Лазаров, Арињо, Жалуз и Томас. Голманот Данијел Шариќ мечот го заврши со 18 интервенции. Во таборот на Адемар Леон најпозитивни беа Фернандез со 6 и Пинеиро со 5 гола, а голманот Чупара собра 15 интервенции.
Утре во мечот за титулата од Купот на Кралот Барселона ќе се сретне со Хелветиа Анаитасума која го совлада тимот на Натурхаус Ла Роха со 31:28. Со самиот пласман во финалето Хелветиа Анаитасума обезбеди место во Европа за следната сезона.





