Кил ја елиминира Барселона и Европа ќе добие нов владетел

Барселона - Кил 33:30 (13:14)
Првакот на Германија Кил е третиот патник на „фајнал-фор" во Лигата на шампионите во ракомет, откако го елиминира европскиот првак Барселона на Кирил Лазаров. Во возвратниот меч кој го водеа македонските судии Николов и Начевски, Барса забележа победа од 33:30 (13:14) , но по поразот од +5 во „Шпаркасе арена" нема да може да го брани трофејот во Келн.
Германците подготвени го дочекаа „пеколот" во „Палау Блауграна" и не останаа изненадени уште од самиот старт. Вујин и Канељас брзо го отворија резултатот и „зебрите" поведоа со 2:4, по само 5 минути игра. Додека Барса да ги среди своите редови веќе мина половина полувреме и Гурбундо со гол во 16 минута за првпат ја доведе екипата на Барселона во водство (7:6).
Лазаров постигна два гола, погоди и Сигурдсон од контранапад и Барса двапати имаше водство dо одморот. Сепак Кил покажа карактер и Шпренгер и Вујин на крајот од првиот дел погодија за 13:14 на полувреме.
Вториот дел започна како што Гисласон посакуваше. Брозовиќ, Клај и Вујин направија мини-серија на Кил, која со гол ја прекина само Лазаров, но Кил веќе побегна на 14:18 во 36 минута. Сепак Лазаров и соиграчите комплетно се вратија во мечот и на додавање на нашиот капитен, Виктор Томас израмни на 19:19 во 39 минута. Дури и Раул Ентрериос погоди за +1 за Барса, а не дошло ни половина од второто полувреме. Но, Дувњак со два гола ја врати контролата на Германците со водство од (21:22).
Сепак 60 минути во „Палау Блауграна" се многу долги, па Жалуз и Арињо погодија за 26:24 во 47 минута од мечот. Полека растеше предноста на Каталонците и на 10 минути до крајот веќе се истопи повеќе од половина предност од Германија (28:25). Лазаров со четвртиот гол ја донесе предноста до +4 и Гисласон побара минута одмор.
Гонзало одбрани клучна топка, Вујин беше исклучен и Сигурдсон во 55 минута погоди за 31:26. Но, тогаш Ландин одбрани важна топка, а Канељас постигна три врзани гола за конечен расплет. На крајот Барселона забележа пирова победа од 33:30 (13:14) и е елиминирана од ЛШ. Ентрериос постигна 7, а нашиот Лазаров беше автор на 5 гола за Барселона, а Канељас и Вујин постигнаа по 6 гола за Кил.





