„Зебрите“ со предност од 5 гола доаѓаат во Барселона следниот викенд

Кил - Барселона 29:24 (16:12)
И без неколку стандардни првотимци Кил ја совлада Барселона со 29:24 (16:12) во првиот меч од четвртфиналето на Лигата на шампионите. Во мечот на екипите кои најчесто триумфирале во Лигата на шампионите „зебрите" покажаа подобра подготвеност во сите фази и му нанесоа неочекуван пораз на Каталонците. Мечот започна со брз ритам и со голови кои паѓаат по само 15-20 секунди од нападот. Така по наизменична серија на двете екипи по 12 минути игра резултатот гласеше 6:6 со четири изедначувања.
Сепак Кил имаше два супер расположени ракометари, кои го донесоа тимот до осетлива предност на полувреме. Доминик Клајн постигна седум гола до одморот, а Ландин на голот правеше чуда. Само Лазаров во втората половина на првиот дел беше премалку за Барса да им парира на брзите Германци кои пред Клајн и Дувњак дојдоа до 15:11 и до 16:12 на полувреме. Вториот дел започна со головите на Томас и Жалуз, со кои Барса ја прекина серијата на Доминик Клајн и неговиот осми гол и во 35 минута резултатот гласеше 17:15. Лазаров со својот четврт гол ја врати Барселона целосно во натпреварот за 19:18 во 43. минута. Сепак европскиот првак никако не можеше да влезе во ритам и Кил со нова серија од 3:0 преку Дувњак и Вујин дојде до 22:18. Но, на одбраните на Ландин, реплицираше Гонзало и со серија на одбрани на својата екипа и понуди шанса да се бори за чесен пораз. Сепак наместо враќање, гостите грешеа, Нодесбо и Сармиенто промашија од изгледни позиции, а Канељас и Вујин погодија за 27:21. Со таа инерција мечот заврши со 29:24 и солидна залиха за Кил пред возвратниот меч во „Ланксес арената". Во екипата на Кил прво име беше Доминик Клајн со 9 гола, а Кирил Лазаров постигна 6 гола за поразената Барселона.





