Се врати Лазаров, Барса победи и во претпладневен меч

Барселона – Бенидорм 33:18 (15:10)
Во необичен термин во 11:00 часот наутро, ракометарите на Барселона го одиграа својот меч од 25 коло на ASOBAL лигата против Бенидорм. Целта беше екипата на Пасквал да добие неколку дена повеќе за да го подготви мечот со Кил следниот викенд. Каталонците славеа со 33:18, а нашиот Кирил Лазаров откако пропушти два натпревари се врати во тимот и постигна два гола.
3873 гледачи во „Палау Блуграна" го следеа најновиот триумф на шпанскиот шампион, кој доминираше во целиот натпревар, посебно во второто полувреме каде предноста порасна од +5 до +15. Мечот го обележаа и двата јубилеа: на Лазаров кој го постигна 800 гол во ASOBAL лигата и на Арињо, кој го постигна 300 гол во шампионатот.

Кога во 38 минута Мијушковиќ одбрани две топки и гостите се доближија до 16:13, Барса „нагази" и го реши прашањето на победникот уште на влезот во последните 10 минути. Во победничката екипа голманите Шариќ и Гонзало заедно собраа 12 интервенции, најефикасни беа Арињо со 8 и Гурбиндо и Раул Ентрериос со по 4 гола. Лазаров постигна 2 гола и потврди дека повредата е минато. Кај Бенидорм се истакнаа Грау и Лозано со по 3 гола.
Барса може теоретски да биде првак и следната недела, ако се поклопат резултатите на второпласираната Натурхаус Ла Роха, но главна преокупација на Лазаров и соиграчите сега е Лигата на шампионите и мечот од четвртфиналето со Кил.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




