Македонија ја спаси честа и победи против Чиле на простувањето на Наумче Мојсоски

Македонската ракометна репрезентација со победа се збогува од Олимпискиот квалификационен турнир, откако го совлада Чиле со 30:27 (17:14) и победата ја посвети за Наумче Мојсоски, кој вечерва со капитенската лента на раката ја заврши репрезентативната кариера.
Со солзите на Наумче Мојсоски на неговиот последен меч во репрезентацијата, Македонија мотивирано го почна мечот против Чиле, со надеж дека ќе го поправи впечатокот и дека победата ќе му ја посвети на Мојсо. Во меч на изменети состави, Македонија која денес играше во „жолто-црвени" дресови започна полетно и по 10 минути поведе со 7:4. Со Мојсоски како главен организатор на играта го задржавме истото темпо и во 20 минута предноста беше 13-10. Момците на Обрван не успеаа почувствително да се одлепат, па на одмор заминаа со 17:14.
Вториот дел подобро го почнаа Чилеанците и се доближија на -1 со головите на Салинас и Олива. Сепак Борко Ристовски одбрани седмерец, Костески погоди од конранапад, па и Влатко Митков за +5 во 41 минута. Кога Костески погоди по шести пат предноста веќе беше 27:20 и чилеанскиот селектор Матео Гаралда побара тајм-аут. Од тој момент до самиот крај Македонија не дозволи убедливата предност да ја доведе под знак прашалник победата и се радувавме за првпат во шест мечеви од предолимписките квалификации, над Чиле со 30:27 (17:13). Во македонската репрезентација се истакнаа Костески со 6 и Наумче Мојсоски, Ојлески и Дејан Манасков со по 4 гола , а кај Чиле најдобри стрелци беа Ервин Фечман со 10 и Родриго Салинас со 8 гола. Кирил Лазаров не настапи на овој натпревар.
ФОТО: Филип Вирановски - www.gol.mk





