Тунис ни покажа колку сме далеку од Рио

Сонот за Олимпијада на нашата најдобра ракометна репрезентација остана само сон, откако попладнево во Гдањск го загубивме и вториот меч од квалификациите против Тунис со 26:32 (10:17). Тунижаните подобро го почнаа мечот и поведоа со 0:3 со головите на Хосни и Жалуз.
Ниту играта со човек повеќе не ни донесе добар влез во мечо и со голот на Хамед во 7 минута Тунис поведе со 6:1 за тајм-аут на Обрван. Уште по 10 минути игра селекторот Обрван го стави Митревски на голот на местото на Борко Ристовски при +6 за нашиот противник. Жалуз исрати нова „бомба" за 3:10 на половина полувреме, а Македонија и натаму имаше само еден стрелец. Сепак полека се разиграа Мојсоски и Миркуловски и намаливме на 6:10 во 17 минута. Но, подоцна Македонија остана со четворица ракометари во поле, а Сајед погоди од чекор за високи +7 за африканските вицешампиони. До одморот многу работите не се сменија и Тунис замина на полувреме со висока предност од 10:17. Македонија зад себе остави едно од најлошите полувремиња на големите приредби.
Почетокот на второто полувреме и две одбрани на Борко Ристовски беа само илузија дека можеме да се вратиме во мечот. Неговиот колега Магаиз ја „маѓепса" мрежата и ја забележа седмата и осмата одбрана на почетокот од вториот дел. Само Лазаров одржуваше чекор со тунискиот тим и со својот седми гол намали на 17:22, а трошка надеж се разбуди откако Миркуловски погоди за -4 и тунискиот стручен штаб побара тајм-аут. Во обидот брзо да се вратиме во мечот правевме несватливи грешки и и со -5 влеговме во последните 10 минути. Сепак на секој наш гол Тунижаните возвраќаа и без проблем го приведоа мечот до победа од 26:32 (10:17). Во туниската репрезентација најефикасни беа Буганми и Бенур со по 6, Сајед и Хосни дадоа по 5 гола, голманот Магаиз собра 13 одбрани, а кај нас Лазаров постигна 9 гола. Тунис е првата селекција од групата во Гдањск која и математички го обезбеди учеството на Олимписките игри.
ФОТО: Филип Вирановски - www.gol.mk





