Полска ја прочита нашата игра и загубивме на дебито во Гдањск

Полска - Македонија 25:20 (13:9)
Македонската ракометна репрезентација полесно од очекувањата загуби од Полска со 25:20 (13:9) во првиот наш настап на Олимписките квалификации во Гдањск. Најдобриот полски стрелец од последното европско првенство, Микаел Јурецки го отвори резултатот уште во првиот напад. Лијевски од транзиција во 4 минута погоди за 3:1 за момците на Душебаев. Но, нашата реакција ја донесе Дејан Манасков со две пресечени топки за 3:3 во 6. минута.
Разноврсна беше играта на полската селекција, па Бартож Јурецки од позиција на кружен напаѓач вторпат донесе +2 во 10 минута (6:4). Домаќинот го подигна темпото на игра и со 9-5 го принуди Обрван на минута одмор. Капитенот Лазаров со 4 гола од нашите 7, на половина полуврееме намали на 9-7. Митревски одбрани седмерец, Борко уште две топки, па со головите на капитенот дојдовме до шанса за -1. Но, следеше серија на грешки во нашиот табор и Полска со Вишњевски и Лијевски првпат дојде до +4. Со 13:9 домашната селекција замина на одмор и остави подобар впечаток од нашиот национален тим.
Наместо реакција, вториот дел го почнавме многу полошо и со две технички грешки, им овозможивме на полските ракометари да поведат со 16:10. Да не беше Николче Митрески и неговите два одбранети зицери, момците на Душебаев сигурно ќе имаа уште поубедлива предност. Во ниту еден параметар не заслуживме и не најавивме дека можеме да се вратиме во натпреварот. Цели 13-14 минути мечот деливаше извесно, само конечниот резултат беше непознаница. На крајот (не)очекувано лесно Полска ја совлада Македонија со 25:20 (13:9) и заедно со Тунис води на табелата по првото коло од Олимписките квалификации. Дополнителен проблем е што покрај поразот, не загубивме минимални, што е уште една негативност во пресрет на следните две средби. Во полската репрезентација најефикасни беа Карол Биелецки со 6, Лијевски со 4 и М. Јурецки со 3 гола, а кај нас Кире Лазаров 8 постигна гола.
ФОТО: Филип Вирановски - www.gol.mk





