Лазаров: Воопшто нема да калкулираме, влегуваме со 100% од силите

Ракометарите на македонската селекција денес го одржаа последниот тренинг пред мечот со Полска на стартот од Олимписките квалификации. Капитенот Кирил Лазаров најавува игра без калкулации и остварување на сонот и пласман во Рио.

"Нема да калкулираме на ниту еден од трите натпревари. Јасно е дека примарна цел ни е да забележиме победа против Тунис, но ние и на денешниот натпревар со Полска влегуваме со 100% и одиме на победа. Имаме голем респект кон репрезентацијата на Полска, посебно кога знаеме дека по Европското првенство на чело дојде Талант Душебаев. Не сметам дека фактот што се соочуваме со Полска на стартот може да претставува проблем. Двете селекции сакаат пласман на Олимпиjада, но податокот дека Полјаците играат дома, притисокот за нив е нешто поголем. Сакам да потенцирам дека во нашиот тим владее максимална мобилизираност и огромна желба за успех и што е најважно квалитет, одиме ден по ден, натпревар по натпревар и на крајот сите да се радуваме на големиот успех. Ако ние играме во грч, грч може да ги снајде и противниците, така да во тој поглед сме еднакви", заврши Лазаров.
Мечот Полска - Македонија се игра во „ЕРГО Арената" вечерва од 20:30 часот.




