Лазаров со „осумка“ го наполни Грањолерс во Купот на Кралот

Грањолерс – Барселона 27:34 (13:17)
Ракометарите на Барселона, пак водени од нашиот Кирил Лазаров забележаа победа во каталонското дерби против Грањолерс со 27:34 (13:17). Четврт меч и четврта победа за избраниците на Хавиер Пасквал во дуелот со соседите оваа сезона. Предноста е доволна пред реваншот за мирно да се пријде кон „фајнал-фор" турнирот, на кој Барселона ќе го брани трофејот освоен во јуни минатата година.
Висок ритам наметнаа двете екипи уште од самиот почеток. Ракометарите на Карлос Вивер со серија 4:1 поведоа со 5:4 во 10 минута. Голманот Алмеида имаше одличен почеток, но тоа не е ништо во споредба со тоа што во продолжението го одбрани Данијел Шариќ. Од изедначено половина полувреме, Лазаров, Жалуз и Арињо направија прво одлепување на 7:10. Ниту тајм-аутот не му помогна на Вивер, па Барса побегна на 10:17. Ресина и Соле во завршницата го направија доцнењето подносливо и на одмор се замина со 13:17.
Двете екипи играа во силен ритам и во почетната фаза од второто полувреме, па напоредно се менуваа головите од двете страни. Предноста беше постојано 3-4-5 гола, но мораше да дојдат головите на Лазаров за предноста да порасне. Со осум гола, некои во самиот финиш, нашиот капитен го поведе својот тим до победа од комотни +7 (27:34). Покрај осумте гола на Лазаров во тимот на Барселона, Сорондо постигна 5 гола, а Сипржак и Жалуз дадоа по 4 гола. Во тимот на Гранољерс најефикасни беа Соле Сала и Гарсија Барсело со по 5 гола. Јунак беше Данијел Шариќ со 25 интервенции. Возвратниот меч е в сабота од 18:30 часот во „Палау Блауграна" во Барселона.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:





