Лазаров непогрешлив, Барса лесно мина низ Кристијанштад
Кристијанштад - Барселона 24:31 (12:19)
Во мечот на првакот на Шведска и на Шпанија во малото место Кристијанштад немаше празно место за гостувањето на европскиот првак. Кирил Лазаров и покрај ударот во лицето, кој го доби против ПИК Сегедин минатата недела, ја предводеше својата екипа во уште една победа, со која Барселона е скоро сигурно на врвот во својата група (24:31).
Жалуз ја отвори серијата, но за многу скоро нашиот репрезентативен капитен даде три гола за 2:7 за гостите во 9 минута. Домашниот стручен штаб побара минута одмор, но екипата на Пасквал немаше намера да сопре. Раул Ентрериос и Жалуз само го прекинаа монологот на Лазаров, кој постигна 7 гола од 19 на Барселона до одморот. Само Толбринг парираше, а Дани Сармиенто погоди во последните секунди од првиот дел за 12:19 на полувреме.
Со таква комотна предност, за тим како Барселона второто полувреме беше повеќе формалност. Лазаров со осмиот гол ја продолжи серијата, а погоди и Раул Ентрериос и веќе во 42 минута европскиот првак дојде до +10. Далин и Лагергрен само го ублажија поразот, во егзибиционо второ полувреме, во кое европскиот првак играше на рутина. Пасквал комплетно го смени тимот и со младите сили Арињо и Сорондо ја завршија приказната за победа од 24:31. Во победничката екипа најефикасен беше Кирил Лазаров со 9 гола, а Толберг даде 4 гола во скромната домашна екипа. Барселона со оваа победа е многу блиску до потврда на првото место во групата и на два натпревари до крајот на групната фаза веќе може да размислува дека ќе го прескокне осминафиналето и ќе игра директно во четвртфиналето.





