Нова симултанка на Лазаров, Барса убедливо во домот на Монпелје
Монпеље - Барселона 23:31 (11:15)
Ракометарите на Монпеље како да не ја научија лекцијата од првиот меч во „Палау Блауграна" кога загубија и немаа решение за Кирил Лазаров. Сега се поразени со 23:31 пред своите гледачи во меч во кој доминацијата на Барса беше евидентна од првата до последната минута.
Вицешампионот на Франција од самиот почеток мораше да го брка резултатот како последица на одличната игра во одбрана и бројните лесни голови на европскиот првак. Сипржак и Жалуз мечот го започнаа со ефектни голови за 1:4 во 5 минута. Бедемот пред гостите не можеше да го пробие ниеден шутер на француската екипа на на половина полувреме Лазаров со два гола ја доведе Барса до највисоки 4:9. Нашиот интернационалец беше незадржлив и постигна 5 гола од 7 обиди во првиот дел. Највисоката предност ја донесе Виктор Томас, кој во 26 минута реализираше за +6. Гајиќ и Габер го завршија првиот дел со голови на 11:15 и далеку подобри вибрации од гостинската екипа.
Словенците во тимот на Монпеље, Доленец и Гајиќ намалија на -3, но пак Лазаров даде два гола за 15:20 во 39 минута. Барса делуваше многу разиграно и колективно. Сите ракометари на кои им даде шанса Хавиер Пасквал одговорија со одлични настапи. Така Арињо во 51 минута погоди за 21:27 и се чинеше дека победникот е одлучен. До крајот уште еден гол на Лазаров, одлична завршница на Томас, а од домашниот табор само Гајиќ парираше. Победа од 23:31 за Барселона и уште еден голем чекор кон првото место во групата и пласман директно во четвртфиналето. Во екипата на Барселона, нашиот Кирил Лазаров 9 постигна гола од 12 обиди и беше убедливо прво име. Виктор Томас со 5 гола исто така одигра одличен меч. Кај Монпеље, Драган Гајиќ постигна 8 гола.






