Колективна претстава и голема победа на Барса во Логроњо

Натурхаус Ла Роха - Барселона 28:39 (16:20)
По домашниот пораз во Лигата на шампионите од Киелце, Барселона наиде на првиот од двата дерби натпревари во ASOBAL лигата, на гостувањето во Логроњо. Засилениот тим на Натурхаус Ла Роха многу мотивирано го почна мечот и пред се во првото полувреме му парираше на европскиот првак. Лазаров и Сигурдсон го отворија резултатот за водство од 0:2 на Каталонците.
Герпе и Фернандез Перез низ средината на одбраната, постигнаа два неодговорени гола за 4:5 во 5 минута. Се играше со брзо темпо и со подобри напади, од одбрани. Со нов гол на Фернандез Перез во 10 минута, Натурхаус Ла Роха намали на 6:8. Носени на крилата на домашните гледачи, ракометарите од Логроњо преку Малмагро на половина полувреме израмнија на 10:10. Но Барса направи серија 4:1 и пак резултатски доминираше. Сорондо на додавање на Лазаров, брзиот Арињо и Раул Ентрериос, на Барса му донесоа 11:13. Карлос Молина од линија за шест метри го возврати ударот за 13:13 во 22 минута. Овој пат Раул Ентрериос со гол и асистенција, на Барса му донесоа ново одлепување за 13:16. Таа предност момците на Пасквал ја задржаа до одморот, па на додавање на Кирил Лазаров, Арињо реализираше за 16:20.
Малмагро беше најактивен кај домаќините, а Барса полека ги разигруваше сите свои ракометари. Така, погоди и Сипржак за 20:24 во 40 минута. Токму полскиот кружен напаѓач постигна два гола за 22:28 на половина од вториот дел. Играта во обрана на Барселона стана поцврста и Гонзало брзо дојде до 15 одбрани, а до крајот на мечот имаше уште 13 одбрани. Арсеналот од клупата на Барселона беше фантастичен, па свежите Нодесбо, Жалуз и Копљар го решија прашањето на победникот за 26:34 во 53 минута. Хрватот ги дотолчи домаќините за 28:37 на влезот во последните две минути. На крајот конечни 28:38 и Барса им се враќа на победите по киксот во Европа во саботата. Во тимот на Барселона се истакнаа крилата Арињо и Томас со по 7 гола, Лазаров даде 5, а Гонзало имаше 16 интервенции. Во тимот на Натурхаус ла Роха, Фернандез Перез со 7 гола беше најсветлата точка. В сабота за Барса следи нова директна пресметка во ASOBAL лигата против Грањолерс во „Палау Блауграна".
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го поггледнете ТУКА:




