hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Пак Жалуз и Лазаров во елемент за нова евро-победа на шампионот

kolding - barca

Колдинг - Барселона 28:36 (15:16)

Во Барселона тимот на Колдинг Копенхаген му создаде многу проблеми на европскиот првак, и денес во Скандинавија долго време, скоро три четвртини од мечот, одолеваше, но на крај мораше да капитулира (28:36).

Нашиот Кирил Лазаров, кој практично сам го победи Колдинг во Каталонија, го постигна првиот гол на мечот. Првакот на Данска брзо ги среди своите редови и преку Ландин Јакобсен поведе со 3:2 во 4 минута. Гол за гол се играше до 17 минута, кога Жалуз ја погоди домашната мрежа. Подоцна Руезга и Јиха реализираа за прво водство од +2 за екипата на Хавиер Пасквал. Игропуло и Карлсен возвратија за 12:13, а нашиот Лазаров пак погоди кога најмногу требаше и со два негови гола на крајот од првиот дел, европскиот првак на одмор замина со 15:16.

Вториот дел започна со гол на Сигурдсон и скоро на ист начин одговори Бо Спелерберг (16:17). Лаен и Јакобсен со одличен просек ја годеа мрежата на каталонците за 19:19 во 37 минута. Но на секое доближување на Колдинг Копенхаген, Барса одговараше со нова своја серија. Лазаров и Томас за прв пат на шампионот му донесоа +4 во 43 минута. Од тој момент фаворитот побегна и како и во средата во Леон во ASOBAL лигата, пак Лазаров и Жалуз беа носители на резултатското одлепување на Барселона. Два пати погоди македонскиот интернационалец, па по еднаш Жалуз и Томас за 23:30 во 50 минута од мечот. До крајот рутинска и убедлива победа на Барселона во Копенхаген со 28:36 со добро деби на Руезга и потврда на лидерските квалитети на Лазаров.

Кај Барселона пак се истакнаа Жалуз со 9 и Лазаров со 7 гола, а кај Колдинг Копенхаген погодија Спелерберг 7 пати, а Лаен и Карлсон реализираа по 5 гола . Во наредното коло, последно од Лигата на шампионите оваа година, Барселона на домашен терен игра со Киелце следниот викенд, во меч кој е реприза од полуфиналето на Лигата на шампионите минатата сезона.

Share