Барса со нов триумф и со израмнување на рекордот на Грањолерс

Барселона – Теукро 44:30 (25:12)
Продолжува серијата на победи на Барселона во домашниот шампионат. Победен е и новиот ASOBAL лигаш, Теукро со 44:30 и серијата на каталонците со последователни победи ја мина границата од 70 меча. Со овој 72 последователен триумф, Барса го изедначи апсолутниот рекорд на каталонскиот комшија Грањолерс и веројатно ќе го мине уште следната недела.
Против Теукро првите 10 минути беа релативно изедначени и со тоа се стекна впечаток дека фаворитот само се загрева за продолжувањето на натпреварот. Раул Ентрериос, Лазаров и Арињо го направија одлучувачкото одлепување, по кое гостите не можеа повеќе да се вратат. Следеше серија 4:0 и водство на домаќините од 9:5. Марко Копљар само што влезе во игра постигна два гола за првото двојно водство од 14:7. Од тој момент одбраната на Барселона целосно ги „стопи" противничките акции и со тоа до одморот предноста порасна до +13. Целиот тим на Пасквал беше разигран и екипата делуваше класи над Теукро.
Кога на почетокот од второто полувреме Жалуз и Сигурдсон постигнаа два неодговорени гола, јасно беше дека Барса нема намера да сопре и пак ќе брка победа со најмалку 40 постигнати гола. Тунижанецот и нашиот Лазаров посебно беа инспирирани и головите на двајцата донесоа огромни 32:17 во 38 минута. Хавиер Пасквал им даде шанса на сите ракометари од ростерот, а со тоа го задржа и високото ниво на играта, посебно во нападот. Оландер застана на голот за прв пат во меч во „Палау Блауграна" и добро си ја заврши работата. На крајот лесно издвојувана победа од 44:30 и 11 победа од исто толку натпревари за екипата на Барселона во ASOBAL лигата. Во победничкиот тим, Лазаров и Нодесбо постигнаа по 7 гола, а Жалуз беше автор на 6. Гонзало имаше 11, а Оландер 6 интервенции. Во тимот на Теукро, Каро Кастро со 4 гола беше најпозитивниот ракометар. Следниот предизвик за европскиот првак е гостувањето во Скопје и мечот со Вардар од Лигата на шампионите в недела од 17:45 часот.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




