Лазаров: Важно е да играш интелегентно!

Во најновото издание на хрватскиот неделник „Спорт макс" кој излезе денес заедно со „Вечерни лист" опширно интервју има нашиот Кирил Лазаров кој говори на сите можни теми. За него само позитивни зборови имаат младите хрватски ракометари.
„Имав можност да играм против Лазаров додека играше во Загреб. Го чував пет минути а се уплашив уште на загревањето„ вели Сандро Обрановиќ. Голманот Филип Ивиќ се присеќа како како момче му се воодушевувал, а тогаш клубот се викал Бадел Загреб 1862.
Лазаров гордо се навраќа на рекордот од 1000 голови во Лигата на шампионите, иако смета дека тој рекорд никогаш не му бил приоритет: „Никогаш не ни сонував дека ќе постигнам толку многу голови во Лигата на шампионите. Горд сум на самиот себе, но и на играчите со кои настапував и тренерите кои ме воделе. Лесно е да се говори за голот број 1000, ама тоа треба да се оствари. Фала му на Господ немав некоја сериозна повреда и за мене е важно што ја одржав таа константа, а за мене тоа е најважно, таквите спортисти се ретки. Некогаш сум подобар, некогаш полош, но секогаш давам придонес, во секоја клубска или репрезентативна средба".

Најдобриот македонски ракометар се наврати на своите почетоци и првите ракометни чекори: „Играв кошарка, а ракомет почнав да тренирам во 5,6 одделение. Татко ми беше ракометар и се навикнав. По неколку години започнав професионална кариера. Веќе со 17 години станав македонски репрезентативец, најмлад во историјата на таа репрезентација. Играв за македонскиот Пелистер, три години минав во Загреб, па пет години во Веспрем и се вратив во Загреб. Кратко бев во катарскиот Ал Саад, а потоа започна шпанската турнеа. Сиудад Реал, Атлетико Мадрид и од 2013 година во Барселона, актуелниот европски првак и клубот за кој секогаш сонував" , вели македонскиот капитен.
Сепак тој потврдува и колку се големи барањата и очекувањата во клуб како Барселона. „Прваци сме, но во Барселона никогаш не се задоволни. Станавме шампиони, преспавме и од идниот ден почнавме да размислуваме што понатаму. Пак имаме големи амбиции, секој пораз пак е проблем. Убаво е да се каже дека си европски првак. Тоа бара секојдневна работа, а ентузијазмот постои, кога секогаш се бориш за некој трофеј".
Во Барселона се поголем е бројот на ракометари кои доаѓаат од бившите југословенски простори и нивниот однос е одличен. „Добро се дружиме. Во Барселона имаме балкански тим, како што ние го нарекуваме. Во Барселона играат 16,17 ракометари. Секој знае што му е работа и која му е минутажата. Не сме поделени, сите се дружиме, но сепак се разликуваме по јазикот. Така во шега се поделивме на балкански, скандинавски, шпански и каталонски тим„.
Потоа десниот бек на Барселона говореше за својот бивш клуб, Загреб, против кој играше минатата сезона и беше одлично пречекан во Хрватска. „Загреб направи голема работа. Не велам дека се надминаа себе си, бидејќи секогаш може подобро, секоја им чест. Кога прв пат заминав од Македонија, не случајно го одбрав Загреб. Тоа е клуб со традиција, дресот има тежина и кога ќе го облечеш треба да го почитуваш. Загреб секогаш ќе биде меѓу најјаките екипи во Европа. Минатата сезона беше одлична. Оваа веќе им се случија неколку изненадувања и некои мечеви на крај едвај ги добија. Веселин Вујовиќ добро го познавам и приватно и како тренер и одличен е тренер за Загреб. Има многу млади ракометари кои знае да ги мотивира и да извлече максимум од нив. Има сеуште стари финти, кои и денес „палат". Капата долу. Мислам дека прави добра работа" , го фалеше тренерот на ППД Загреб, Лазаров.

На крајот, Лазаров се осврна и на нашата репрезентација и секогаш големите амбиции кои ги имаме. „Ние сме ракометна нација, но можеби сме нереално амбициозни и имаме нереални очекувања. Треба секогаш да веруваш во победа. Со време во животот и во спортот доаѓа до нови иновации кои го продолжуваат векот на спортистите. Ако добро се храниш, добро тренираш и добро се одмараш и ако се посветиш на тоа, не е проблем да се пробие лимитот и да се биде на нивото на кое беше претходно, па и подобар. Најважно е да играш интелегентно, бидејќи ракометот е интелегентна игра" , заврши Лазаров. На крајот најави дека и неговите наследници можеби ќе се занимаваат со спорт.„Сеуште ги усмерувам, ги пуштам самите да одлучат. Но секој ден имаат се повеќе желба за спорт. Доаѓаат на натпревари и навиваат: Барса, Барса. Учат шпански, каталонски зборуваат англиски. Татко им беше низ цел свет, а за многу повеќе време не научи толку јазици" , низ смеа заврши Лазаров.




