Барса го „наполни“ Бенидорм за да му влее страв на Вардар

Бенидорм - Барселона 16:36 (5:16)
По репрезентативната пауза, продолжи шпанската ASOBAL лига, а со тоа продолжија и старите навики на шампионот Барселона. На гостувањето во јужна Шпанија против Бенидорм, актуелниот првак имаше за цел да го подготви мечот со Вардар во Лигата на шампионите в сабота. Така гостите почнаа многу организирано и со головите на Сигурдсон и Сорондо, поведоа со 1:5, по само 6 минути игра. Бенидорм, кој минатата година го намачи каталонскиот тим, остана без реакција и само Валес Бесера постигна гол, кој остана единствен во 19 минути.
Барселона побегна на 1:10 со головите на расположениот Тунижанец, Жалуз. Лазаров само што влезе во игра и постигна два гола, по еден од седмерец и од игра. Победникот беше решен до одморот, каде Барса замина со +11 и со само 5 примени гола (5:16). Дури и младиот Душебаев доби шанса и погоди од својот прв обид во првиот дел. Пасквал полека го изротира целиот ростер и Раул Ентрериос и Нодесбо погодија за 9:20 во 36 минута. Токму Данецот реализираше за на половина од вториот дел, првакот да стигне до 11:25. Ортиз и Бриве одговорија со голови за Бенидорм, користејќи ја поопуштената поставеност на одбраната на Барселона. Така со инерција на пријателски натпревар, фаворитот го приведе мечот кон крај за финални 16:36. Во тимот на Хавиер Пасквал, најефикасен беше Жалуз со 7 гола, а нашиот Кирил Лазаров постигна 5. Со оглед на тоа што Даниел Шариќ е со катарската репрезентација на Купот на Азија во Доха, на голот на Барселона, Гонзало и Оландер собраа 13 одбрани. Кај Бенидорм, Давид Хименез со 4 гола беше најпозитивниот ракометар. Зачудува што голманите на Бенидорм имаа само 3 одбрани, а со таков учинок не може да се бараат бодови со екипи рамни на себе, а камо ли со Барселона.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




