Филип Лазаров спречи пораз во Умаг: Реми на подмладената Македонија со Црна Гора

Црна Гора - Македонија 30:30 (18:17)
По поразот од Хрватска, македонската ракометна репрезентација ден подоцна имаше можност за поправен испит против изменетата селекција на Црна Гора. Во меч со многу подеми и падови, Македонија спаси пораз со голот на Филип Лазаров во последната минута (30:30). Нашиот состав подобро го почна мечот и поведе со 2:4, благодарение на Манасков и капитенот Лазаров. Но црногорскиот дефанзивен блок возврати и Борозан погоди за 7:5 во 11 минута.
До одморот, ниту една селекција не отиде на повеќе од два разлика, а одбраните попуштија и Црна Гора на полувреме имаше 18:17. Вториот дел започна со помал број на технички грешки, Митревски на нашиот гол се истакна и повеќе од 5 минути не прими гол. Пак тандемот Кирил Лазаров – Дејан Манасков ни донесе пресврт и во 44 минута, црвено-жолтите поведоа со 22:24. Но како што нашиот противник на почетокот од вториот дел долго време не постигна гол „црната дупка" нашите репрезентативци ги снајде во финишот.
Преку 7 минути затаи нашиот напад и мечот скоро да го загубивме. Црна Гора поведе со 29:26, а до крајот имаше неполни 4 минути. Филип Лазаров погоди да ја прекине лошата серија, но пак изгледаше невозможно да се стигне водството на противникот. Најдобриот црногорски стрелец, Борозан зголеми на +2, а на семафорот имаше уште 90 секунди. Брзо возврати Гоце Ојлески, а во последните 40 секунди со голот на Филип Лазаров, Македонија спречи пораз и со 30:30 го заврши вториот натпревар на турнирот во Умаг. Мечот се одигра во коректен амбиент и со многу варијации во двата состави. Македонија никогаш не играла со помлад состав, па охрабрува реакцијата кога сите помислија дека мечот е загубен.
Во нашата репрезентација најефикасен беше Дејан Манасков со 7 гола, капитенот Лазаров постигна 6 гола, но одлучувачки беа головите на Филип Лазаров во завршницата. Вуко Борозан со 7 гола беше најефикасен во црногорскиот состав. Утре Хрватска и Црна Гора ќе играат за освојување на турнирот, а во зависност од исходот на овој натпревар ќе се знае и финалниот пласман на нашата репрезентација. Следната средба на националниот тим е во декември, кога следи „глазурата" пред европското првенство и пријателскиот меч со Словенија на Веселин Вујовиќ.




