Лазаров: Нашиот менталитет ни е најголем проблем“

Пред заминувањето во Хрватска, капитенот на македонската ракометна репрезентација, Кирил Лазаров говореше за „Нова Македонија" за сите ракометни теми, без разлика дали се од клубскиот или репрезентативниот ракомет.
„Наш најголем проблем не се нашите противници на теренот, туку нашиот менталитет, кој уште од минатото бил најголем проблем на македонскиот спорт, воопшто. Премногу се оптоваруваме со противниците отколку самите со себеси. Пред сѐ, треба да размислуваме за нас самите и притоа постојано играчки да се надградуваме. Колку повеќе го правиме тоа, толку повеќе ќе бидеме потежок противник за секој ривал, па дури да се работи и за репрезентација како Франција" , изјави капитенот на македонската репрезентација Кирил Лазаров.
Македонската селекција од денеска игра на меѓународниот турнир во Умаг, против Хрватска и Црна Гора. Сите три селекции се учеснички на претстојното Европско првенство (ЕП) во Полска во јануари, каде што ривали на Македонија се европскиот, светски и олимписки првак Франција, како и Полска и Србија.
„Не треба предвреме да правиме разни калкулации, бидејќи така не се стигнува до посакуваната цел. Имаме еден систем на работа, кој опстојува подолго време и затоа е потребно тој да се надградува, бидејќи од година на година се појавуваат иновации, кои, пак, треба да се применат и доградат. Токму затоа е потребна многу поголема посветеност на нашиот играчки состав што го имаме во тој момент, а потоа да се надградуваме индивидуално и екипно. Колку ние ќе бидеме подобри на играчки план, толку нашите противници ќе ни бидат полесни, но ако сме слаби, тогаш секоја репрезентација за нас ќе биде силна" , вели Лазаров.
Првиот стрелец на репрезентацијата и на Барселона вели дека новиот систем на натпреварување во Лигата на шампионите е по мера.
„Засега новиот систем на натпреварување во ЛШ е одличен. Кога го велам ова, пред сѐ мислам на популаризација на ракометната игра, потоа на големите клубови од првата десетка, но и за вториот клупски ешалон, а кој сака да напредува со преостанатите екипи што имаат големи амбиции. Секогаш постои простор за новитети во самото надградување. Во секој случај, добро е што се размислува во тој правец" , вели Лазаров.
Иако не му е приоритет, сепак неговите рекорди нема намера да ги стави настрана.
„Драго ми е што успевам да поставувам нови играчки рекорди и затоа сум горд на постигнатото досега. Но, истовремено продолжувам со иста ваква намера и со исто темпо, односно да направам нешто повеќе од досегашното, иако тоа не ми е приоритет" , вели рекордерот според бројот на голови во ЛШ, на СП и на ЕП.
Во спортот не постои форма, сè е во главата
За тоа во каква моментна форма се наоѓа леворакиот бомбардер има интересна констатација.
„Секогаш велам дека во спортот не постои форма. Формата е всушност главата на еден спортист. Ако таа на теренот функционира како што треба, односно е со чисти мисли, трпение и целосна концентрација, тогаш секако дека си во играчка форма" , појаснува македонскиот капитен Кирил Лазаров.
Можат да се направат промени со кои ракометот би бил уште подинамичен и поинтересен
„Со воведувањето некои нови играчки и судиски новитети во ракометната игра пред 3-4 години, ракометот оди во нагорна линија. И како спорт, ракометот денес е многу поинтересен и полека фаќа приклучок со кошарката, иако кошарката, според популарноста и финансиите со кои располага, е сепак многу понапред. Секако дека можат да се направат промени со кои ракометот би бил уште подинамичен и поинтересен за јавноста. Во оваа насока, сепак, повеќе би обрнал внимание на судиските одлуки и правила, бидејќи многу работи во ракометот се сведуваат на слободна судиска процена. Далеку од тоа дека немаме квалитетни судии, но сакам повеќе да се прецизираат тие судиски одредби, како на пример, траење на полувремето, тајмаут, добивање црвен картон, да не влијае големата разлика во резултатот на судиско прогледување низ прсти итн" , вели Кирил Лазаров.




