Лудо реми на Киелце и Барселона во Полска

Киелце - Барселона 30:30 (14:17)
Во реприза од минатогодишното полуфинале во Келн, денес во Полска се сретнаа првакот на оваа земја Киелце на Талант Душебаев и европскиот шампион, Барселона. Каталонците многу добро го почнаа мечот и со цврстата игра во одбрана, веднаш му ставија до знаење на противникот по што дојдоа во Полска. Томас одлично отвори, а ветеранот Јурецки одговараше со иста мера.
Но првакот на Полска никако не пронајде решение за десната бековска позиција, од каде Лазаров и Гурбиндо ја полнеа домашната мрежа. И кога мислеа дека веќе ги затвориле, тие секогаш наоѓаа чувство за асистенција, кон Сорондо, кој беше непогрешлив од линијата. Мечот имаше необично голем број на голови, па на половина полувреме Лазаров погоди за 10:11. Микаел Јурецки и Јулен Агинагалде постигнаа два неодговорени гола, но финишот на првиот дел им припадна на гостите. Барса преку Ентрериос и Гурбиндо на одмор замина со 14:17. По исти ноти се играше и во второто полувреме. Европскиот шампион имаше минимално водство, а „жолтите" стигаа. Така Јурецки погоди за 21:21, а и Рајхман беше молњевит во контранападите.
Пак на сцена стапи Лазаров и Барса се чинеше има минимални, но во ваков тип на натпревар, големи 24:26 во 54 минута. Марин Шего се разбрани и на 4 минути до крајот, Киелце израмни на 26:26. Сега менталната предност беше кај домашните ракометари, кои бодрени на крилата на „зовриеното" гледалиште дојдоа до неочекувано водство. Финишот стана дуел на Јурецки и Лазаров, кои најчесто ја превземаа одговорноста во своите екипи. Полскиот репрезентативец ги одлепи домаќините на 28:27 и 30:28, а нашиот капитен возвраќаше. На 4 секунди до крајот, во момент со човек помалку, Барса мораше да спасува реми. Пасквал го повлече голманот и го внесе Нодесбо и токму данскиот интернационалец со маркер погоди со звукот на сирената за финални 30:30. Од меч кој „мирисаше" на победа, па на пораз, на крајот Барселона извлече реми од Полска. Жилавиот тим на Талант Душебаев успеа да извлече лошо воден натпревар, но не и да го добие. Во тимот на Барселона, Лазаров со 7 гола беше најефикасен, по 5 дадоа Ентрериос и Сорондо. Кај Киелце, најефикасен и одлучувачки беше Јурецки со 7 гола, 5 даде Рајхман, а по 4 Агинагалде и Јахлевски. Полскиот првак имаше високи 70% реализација, наспроти 49% на Каталонците. Барса освои бод од теренот, каде на секоја екипа ќе му биде тешко оваа сезона да остане непоразена. Во наредното коло екипата на Пасквал на домашен терен игра со Колдинг Копенхаген.




