„Машината Лазаров го прегази“ Монпеље

Барселона - Монпеље 37:27 (19:12)
Според очекувањата Барселона од натпревар во натпревар игра се подобро и ја подига формата како одминуваат натпреварите. Со фантастичниот Кирил Лазаров, кој блескаше во текот на целиот меч, европскиот првак можеби и полесно од предвиденото го совлада вицешампионот на Франција, Монпеље со 37:27.
Мечот со гол го отвори Лазаров, а Словенецот Гајиќ со два гола го донесе првото водство на гостинскиот тим. По 4:4 во 10 минута, Лазаров и Сигурдсон за прв пат го одлепија тимот на Пасквал на +2. Симонет му парираше на нашиот Лазаров се до средината на првиот дел, кога се разгоропади најдобриот стрелец и играч на Барселона. Покрај Лазаров и неговото перфектно прво полувреме при 14:11, нагазија и Жалуз, Томас и Сорондо и на одмор каталонците заминаа со 19:12. Офанзивен фестивал од голови по кои Винсент Жерард не можеше ништо да стори на голот на Монпеље продолжи се до одморот. Доленец и Естеки го отворија вториот дел со голови со кои французите намалија на 21:16. Но Барселона „нагази" и со три гола во интервал од 5 минути, пак побегна (24:17).

Полека се разиграа сите адути на Пасквал, па Копљар и Јиха реализираа за 30:22. Победникот во мечот беше решен и до крајот, најдобрата екипа на континентот успеа да го одржи својот просек од скоро 40 гола по натпревар. Лазаров како што го започна мечот, така и го заврши со два гола во последните 5 минути за финални 37:27. Неверојатно беше постигањето на нашиот капитен со 12 гола од исто толку обиди и неколку одлучувачки асистенции. Со оваа феноменална партија, Македонецот ја заокружи неделата со 26 гола на три меча, потврдувајќи дека е лидер во екипата на Барселона. Покрај Лазаров во тимот на Пасквал, солиден меч одиграа и Сигурдсон, Сипржак и Копљар со по 4 гола. Кај Монпеље, Гајиќ со 8 и Естеки со 5 гола отскокнаа од останатите. Барса дојде до третата победа и со тоа фаќа приклучок на врвот пред гостувањето кај Киелце наредниот викенд. Овој меч ќе биде реприза од полуфиналето во Келн минатата сезона.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




