Лазаров: „Имаме таленти, но ни недостигаат учители“

По повод јубилејот од 1000 голови во европските купови, дневниот весник „Нова Македонија" направи интервју со капитенот на нашата репрезентација, Кирил Лазаров. Македонија е природен инкубатор за ракометни таленти. Полека но сигурно напредуваме на ракометен план. Добро е што сме свесни дека можеме, но и дека сѐ уште заостануваме зад најдобрите. Последниве години е зголемена масовноста, и тоа го гледам како одлична можност за селекција на квалитет, изјави, меѓу другото, Кирил Лазаров, првиот светски ракометар со 1000 гола во Лигата на шампионите (ЛШ), во ексклузивниот разговор за „Нова Македонија".
„На оваа тема е најважен стручниот кадар. Во Македонија имаме премногу „тренери", но многу малку вистински учители што имаат кликер за големи работи. Се надевам дека со влегувањето во конвенцијата РИНГ ќе напредуваме во овој сегмент на едукација и тренинг на идните генерации ракометари„ вели Лазаров. Лазаров кариерата и головите во ЛШ почна да ги гради во дресот на тогашниот македонски шампион Пелистер, а ги заокружи играјќи за актуелниот европски првак Барселона. „По толку многу одиграни натпревари во ЛШ, вистинска сатисфакција за мојот труд, работа и залагање се головите, на кои, од првиот за Борец постигнат пред 20 години против Динамо Букурешт, па до последниот против Пик Сегед во последната минута од натпреварот во неделата, сум вистински горд„ вели Лазаров.




