Кога најмногу требаше, пак се појави Лазаров

ПИК Сегедин - Барселона 28:30 (12:13)
По стартот со една победа и еден пораз, европскиот првак Барселона беше на вистински испит на зрелоста во Унгарија против ланскиот четвртфиналист, ПИК Сегедин. Сигурдсон го отвори резултатот, па погоди и капитенот Томас, но тимот на Пастор подобро влезе во мечот и брзо го превзеде водството. По 3:3, Бомбач и опоравениот Јонас Калман погодија од транзиција за прво водство на ПИК Сегедин. Од 4:4 со головите на Балог, домаќините отидоа на 7:4, што беше аларм за гостинската клупа.
Првата реакција на Барселона беа двата гола на Филип Јиха за 8:7 во 16 минута. Но конечно момците на Пасквал ја пронајдоа својата игра, пред се во одбраната и преку Лазаров, подоцна и Гурбиндо го свртеа резултатот (9:10). Мечот стана погруб, одбраните поцврсти, голманите се подобри, посебно Сиера. Процентот на шут на двете екипи беше многу низок, па Тиагуш Петрус погоди за 10:10 во 21 минута. Следуваше позитивен момент на домаќините па Балог и Бомбач ја надмудрија каталонската одбрана за 12:10 во 25 минута. Играта во бранови дојде до гостите, па Раул Ентрериос и Сигурдсон во неполна минута израмнија на 12:12. Брзоплетоста ги чинеше многу ракометарите на ПИК Сегедин и Жалуз на одмор ја одведе Барселона со предност од 12:13.

Вториот дел започна гол за гол и шупливи одбани во раната фаза. Раул Ентрериос и Јиха погодија практични на идентичен начин за 15:17 во 37 минута. Лазаров го постигна својот втор гол за 17:19 во 29 минута. Во најпозитивниот период на гостите, Томас и Лазаров реализираа од истата страна за 19:22 во 44 минута. Со голот на Тунижанецот Жалуз во последните 10 минути, Барселона влезе со +3, по втор пат во мечот. Но Зубаи и Блажевиќ со два гола по грешки на гостинската одбрана во 54 минута намалија на 24:25 за вистинска драма во финишот. Јиха и Лазаров со битни голови ја одржуваа дистанцата од 1-2 гола за Барса, а мечот влезе во последните 3 минути.

Кога најмногу требаше, како и со Кристанштад, се појави нашиот Лазаров и со петтиот гол на мечот ја подотвори вратата кон победата, а овој гол беше симболично и голот за влез во клубот 1000 голови во елитниот Куп (27:29). Виктор Томас ја потврди победата на Барселона со гол за финални 28:30. Во победничката екипа Лазаров, Јиха, Томас и Ентрериос постигнаа по 5 гола, а Сигурдсон даде 3 без промашување. Кај ПИК Сегедин се истакнаа Калман и Балог со по 7 и Бомбач со 6 гола. Наредната сабота од 19:00 часот во „Палау Блауграна" гостува Монпеље во рамките на 4 коло од Лигата на шампионите. По две победи по ред, Барса полека фаќа ритам за централната фаза од групата во Лигата на шампионите.




