Второ полувреме без грешка и нова победа со 40 постигнати гола
Хуеска - Барселона 28:40 (17:20)
Меѓу два европски натпревари, европскиот првак Барселона ја забележа четвртата победа во ASOBAL лигата. На гостувањето кај Хуеска, Лазаров и соиграчите најавија дека поразот во Манхајм во неделата е веќе заборавен. Победена е Хуеска и пак е потврден просекот од 40 гола по натпревар. Новел и Гарсија Петруса го материјализираа подобриот старт на домаќините за водство од 4:2 по 6 минути игра. Но Гонзало се разбрани и со серија од 4:0, многу брзо фаворитот дојде до водство од 4:6. Арињо реализираше два контранапади, а погоди и највисокиот на теренот, Камил Сипржак. Хуеска на крилата на својот ветеран на голот, Димитрије Пејановиќ се опорави и во 18 минута, Новел погоди од крилна позиција за 10:9, откако претходно првиот гол го постигна Кирил Лазаров.
Во тој ритам гол за гол, двете екипи го туркаа целиот финиш на првиот дел. По дури шест последователни изедначувања, со головите на Сармиенто, Томас и Жалуз во последните 3 минути, Барса на одмор побегна на 17:20. Очигледно Пасквал им одржал вистинска лекција на своите ракометари, бидејќи во вториот дел првакот излезе како да е сосема друга екипа. Играта на Барселона стана разноврсна и Сигурдсон во 35 минута веќе донесе убедливи 18:23. Дури да се свртат ракометарите на Хуеска, веќе имаа 10 разлика заостанување. Се разгоропади Тунижанецот Жалуз, почнаа да погодуваат и Сармиенто и Сорондо за веќе недостижни 18:28. Шариќ застана меѓу стативите и целосно го сопре Алварез, а и соиграчите. Така со 20:30 на половина од вториот дел, прашање беше само кој ќе биде конечниот резултат. Сите ракометари од ростерот на Пасквал се запишаа меѓу стрелците, па и Гурбиндо кој реализираше за највисоки 21:34 во 48 минута. Фуентес и Долдан само го прекинаа ритамот на шампионот на Шпанија и Европа, но на Хуеска не му гинеа 40 примени гола. Брзиот Сигурдсон од транзиција погоди за 37 и 38 гол за гостите, па со мирен крај позитивната серија ја продолжи со победа од 28:40 .
Во тимот на Барселона целиот тим делуваше разиграно, посебно во вториот дел. Најефикасни беа Сигурдсон со 7 и Томас и Жалуз со по 5 гола. Нашиот Кирил Лазаров постигна 2, а Шариќ и Гонзало заедно имаа 18 одбрани. Во таборот на Хуеска, Марсело Фуентес со 7 гола беше првото име во поразениот табор. За време на викендот, европскиот првак го игра првиот домашен меч во најсилниот европски Куп, против првакот на Шведска, Кристианштад.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




