Грубите египјани „скршени„ на крајот

Барселона - Ал Али 20:16 (12:8)
Ракометарите на Барселона според очекувањата обезбедија пласман во полуфуналето на IHF Суперглоб во Доха. Иако по малку поинаков систем на натпреварување, од оваа година со елиминациони натпревари од четвртфинале до финале, сепак квалитетот пак дојде до израз. Каталонците очекувано го совладаа Ал Али пред 2.000 гледачи во третото денешно четвртфинале сo 20:16 и се на чекор до уште едно финале, кое за нив ќе биде трето по ред.
Грубата игра на египетскиот шампион беше главниот проблем за каталонците кои се соочија со изедначен почеток. Благодарение на голманот на Ал Али, Мохамед Али, по половина полувреме резултатот беше 5:5. Тогаш Пасквал комплетно ја смени седморката на теренот и должината на клупата на Барса дојде до израз. Влегоа Сипржак, Гурбиндо, Лазаров, Јиха, Сармиенто и Арињо и со бравурозниот Данијел Шариќ на голот, европскиот првак ја направи разликата. Голманот на катарската репрезентација со 7 последователни интервенции ги сопре египјаните, а Жалуз со „проектили„ од преку 9 метри во 25 минута го покачи резултатот на 11:5.

Со серија од 6:0 тимот на Пасквал го направи одлучувачкото одлепување. Ќе беше и поубедливо ако не беше Али на голот. Играта на Ал Али се базираше на Рамадан и Абубад, но кога одбраната на Барселона ќе ги задржеше, нивните соиграчи останаа без решение. Тимот на Тарек Ел Сајед добро го почна вториот дел и се доближи до 15:13 во 42 минута. Но пак се разбрани Шариќ и со головите на Лазаров и Жалуз, Барса побегна на 19:15 во 51 минута. Играта на Ал Али стана неподносливо агресивна и Омар Елвакил заради три исклучувања заработи црвен картон. И покрај 18 одбрани на Али, Барселона без треперење го доби мечот со 20:16 и обезбеди полуфинале. Во победничкиот табор, прво име беше Шариќ, Жалуз постигна 5, Сигурдсон 3, а Кирил Лазаров 3 гола. Во таборот на Ал Али, Рамадан со 5 и Абубад со 4 гола беа двете клучни алки во египетскиот првак. Барселона утре од 17:00 часот по средно европско време ќе игра со победникот на ЕХФ Купот, Фуксе Берлин за пласман во финалето. Германците денес во четвртфиналето го совладаа тунискиот Клуб Африкан со 27:24 (14:12).
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




