
Европскиот првак Барселона денес пристигна во Доха, каде наредната недела ќе ја брани светската клубска титула. Кирил Лазаров е пред уште еден рекорд, бидејќи ако триумфира и оваа година, тоа ќе биде негов четврт последователен трофеј, по еден со Атлетико Мадрид и два со Барселона. На пристигнувањето во Доха, македонскиот капитен го чекаше големо изненадување.

Македонци што работат во хотелот „Виндам Гранд Реџенс„ каде се сместени ракометарите на Барселона, му приредија вистински македонски пречек, со локум и со македонски знамиња. Претходно Лазаров се сретна со наши сонародници и за време на летот од Барселона за Катар. Барселона в понеделник игра со Ал Али во четвртфиналето, а најсериозни кандидати за трофејот му се уште Веспрем и Фуксе Берлин.