Победа за пат за Доха во победничка клима
Барселона - Хелветиа Анаитасума 38:23 (19:9)
Новата сезона во шпанската ASOBAL лига започна со очекувано висока победа на Барселона против Хелветиа Анаитасума со огромни 5 гола разлика. Два дена по освојувањето на ASOBAL Суперкупот во Сарагоза, а само три дена пред мечот од четвртфиналето на IHF Суперглоб турнирот во Доха, шампионот рутински си ја заврши работата на домашната сцена.
Пред мечот во „Палау Блауграна„ ракометарите на Барселона ги претставија сите 9 трофеи освоени минатата и на почетокот на оваа сезона. Во мечот во кој дебитираше засилувањето од Кил, Филип Јиха, каталонците уште од стартот се наметнаа. Сипржак и Копљар почнаа во стартните тимови и првакот брзо дојде до 4:1. Дури да се консолидираат ракометарите на Хелветиа на половина полувреме, Аитор Арињо зголеми на 11:3. Јасно беше дека ниту тајм-аут не може да ги сопре звездите на Пасквал. До полувремето Копљар продолжи со голови, Јиха погоди за прв пат и Лазаров што влезе во игра веднаш подели една асистенција и еден гол за 16:8 во 26 минута. Токму со гол на нашиот интернационалец од седмерец, на одмор Барселона замина со предност од 19:9. Лазаров го постигна и првиот гол во продолжението, а со двата гола на кружниот напаѓач, Камил Сипржак, предноста стана двоцифрена (22:11).

Се што се случуваше до крајот на мечот беше чиста рутина, со фестивал на убави потези, вкупно 61 гол и нови првенствени бодови за Барселона (38:23). За првакот на Шпанија дебитираше најмладиот од ракометното семејство Душебаев, Дани Душебаев, син на Талант и помал брат на Алекс Душебаев. Во екипата на Пасквал, најефикасен беше Сипржак со 7 гола, Лазаров и Арињо постигнаа по 6, а Гонзало и Шариќ заедно собраа 11 интервенции. Во првиот меч, Филип Јиха даде два гола. Во таборот на Хелветиа Анаитасума, Дела Вале Наваса со 5 гола беше прво гостинско име, а Ферер и Лорџер заедно имаа 12 одбрани. Барселона ја продолжува непрекинатата низа на победи на домашно тло, а веќе утре експедицијата на каталонската гордост патува за Катар, каде ја брани светската клубска титула. Оваа сезона со нов формат на натпреварување, прв противник на Лазаров и соиграчите ќе биде Ал Али во четвртфиналето.
Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:




