Лазаров: „Кампот беше успешен, децата и родителите се презадоволни„

Време е за сумирање на сработеното и анализа на првиот камп „Кирил Лазаров 7„. Најповиканиот е презадоволен од ефектот кој го донесе неговиот прв камп и смета дека тимот кој го организираше настанот се надмина себе си.
„Морам да кажам дека се надминавме сами себе. Кога организарам нов проект јас пристапувам многу сериозно и не беше лесно да се организира цел овај настан. Многу ми е драго што задоволството е обострано, но што е многу поважно задоволни се децата и нивните родители. Веќе има најава дека поголем дел од нив ќе бидат и на следниот камп до година. Во текот на овие седум дена увидовме дека постои огромен талент. Јас и мојот тим ги имавме најдобрите тренери за младински категории. Мислам дека придонесовме и покрај нивниот талент да се надоградат. Од машката екипа од 120 деца половина од нив ако продолжат да бидат посветени и да работат,македонскиот ракомет нема причина да трепери за својата иднина„ рече Лазаров.
Првото и најчестото прашање кај учесниците на кампот беше кога и како ќе се одржи наредниот втор камп „Кирил Лазаров 7„ бидејќи голем дел од овие деца најавија учество и на идниот камп на најдобриот македонски ракометар.




