Ангеловски: „Кампот треба да биде само надградба за работата во клубовите„

Со 159 настапи и 393 гола, Бранислав Ангеловски е еден од ракометарите со најдолг стаж во националната репрезентација, а покрај тоа што играл за трите најтрофејни клубови во нашата земја, настапувал и во многу странски национални првенства. Ракометарот на Констанца беше гостин на последните два дена од кампот и ја потврди подршката за својот другар Лазаров и неговиот камп.
„Морам да ја пофалам оваа иницијатива на нашиот капитен. Тука сум како подршка на мојот друг Кире, да ги пронајдеме талентите кои се надевам ќе бидат од светска класа и ќе не заменат и македонската репрезентација ќе ја претстават во уште подобро светло. Задоволство ми е што сум тука и цело мое играчко искуство со задоволство сакам да им го пренесам на младите играчи. Во наше време имаше кампови, но тие беа повеќе како тренерски семинари и ние бевме како некои спотери. Овој камп повеќе служи како надградување на еден квалитет што играчите го имаат во своите клубови. Само со еден камп од 7-8 дена не може многу да се направи, потребна е реорганизација во младинските категории, каде нашиот ракометен врв треба да се произнесе на што да се стремиме. Овие кампови треба да бидат еден чекор плус кон едно повисоко ниво. Самите учесници на кампот не имаат 24 часа да прашаат, да се пошегуваме, кога сме на тренинг да го одработиме она најдобро што го знаеме„ заклучи Ангеловски. Ракометарот на Констанца наскоро ќе се врати во својот клуб и кон средината на јули ќе ги започне подготовките за сезоната 2015/16.




