Марковски: „Веќе се издвојува квалитетот на кампот„

Бившиот капитен на ракометната репрезентација на Македонија, Иван Марковски неколку години работи со младите категории во ХЈС Работник од Битола и доверена му е една група од 30 ракометари, со кои тренира оваа недела. Тој го препознава квалитетот и е оптимист за иднината на кампот и на македонскиот ракомет.

„Чест ми е што сум дел од кампот на Кире. Не се двоумев кога Кире ме повика да бидам дел од овој камп. Планот беше 150 деца да се поделат во пет категории, дали во возраст или по ракометно знаење е неважно, но мислам дека поенатата е дека оваа недела професионално се работеше. Убеден сум дека сме на правиот пат и веќе се препознава квалитетот и се издвојуваат најдобрите ракометари од секоја група на кампот. Организацијата и стручноста на кампот се одлични и мислам дека сите деца задоволни ќе си заминат од ова еднонеделно искуство во Охрид„ заклучи бившото репрезентативно крило. Марковски е еден од ракометарите со најмногу настапи за нашата национална репрезентација, дел од составот кој играше на првото европско првенство во Италија и првиот мундијал во Египет. Веќе со години се занимава со тренерскиот занает, најдолго со младинските категории во клубот кој заедно со Александар Зарков го оформи и го надградува, па на прагот е да стигне и до најсилната категорија.




