Дибиров: „Жал ми е што во Русија ракометот нема ваков третман како кај вас„

Едно од најдобрите крила во Европа, рускиот интернационалец Тимур Дибиров беше пречекан со овации на кампот „Кирил Лазаров 7„. Младите ракометари го скандираа неговото име, штом забележаа дека неговиот автомобил пристигнува во спортскиот комплекс „Аквалина„. Подоцна на теренот, еластичното крило на Вардар им откри дел од тајните на најмладите и посебно неговиот специфичен „сув лист„ кој стана заштитен знак на русинот:

„Ако има некој од Македонија кој треба и може да организира ракометен камп, тоа е Кире. Прва асоцијација за Македонија и ракометот е Кире Лазаров. Затоа, кога тој ми се јави и ме покани да бидам гостин на кампот, воопшто не размислував. Секој поминат ден на овој камп со нивните идоли за младите ракометари и ракометарки е празник. Во Русија желбата и интересот за ракометот не се така големи како кај вас. Ова што се случува овде во последните 5 години е неверојатно, уникатно. Не знам друга земја која вака напредуваше. Во Русија многу се жалат што нема вакви кампови, ваков интерес за ракометот како во Македонија„ рече Дибиров.
Тој и утре ќе остане на кампот и ќе има нова претпладневна сесија со групите кои ќе работат на трите терени предвидени за кампот во Охрид.




