Бошковски: „Ние сме талентирани за ракомет, само треба уште повеќе работа„

Иако највозрасен меѓу тренерите на кампот, Лефтер Бошковски работи со неверојатен ентузијазам со девојчињата на кампот „ Кирил Лазаров 7„. Тој е почестен што е дел од стручниот тим и има само пофални зборови за организацијата, талентот и работата на неговата група девојчиња, но и останатите машки групи кои имаше можност да ги погледне.
„Сум бил на многу кампови, семинари, турнири, но сега посебна чест му е што сум дел од кампот на Кире. Можам да потенцирам дека кампот е одлично организиран и јас сум изненаден колку талентирани деца има во овој камп, а веројатно е така и во другите кампови„ вели Бошковски. Тој работи со девојчињата и се осврна и на кризата во женскиот ракомет во нашата земја. „Ние сме талентирана нација и имаме девојчиња кои имаат одлични предиспозиции за ракомет. Но ние не работиме доволно со девојчињата.

Видовме дека домашните мечеви не се доволни и потребни ни се и други, меѓународни натпреварувања, турнири и слично. Но оптимист сум дека ќе произведеме квалитетни ракометарки и пак ќе бидеме моќни и во женскиот ракомет, како во машкиот„ констатираше Бошковски. Од неговото искуство можат многу да научат и повозрасните, репрезентативците. Голем дел од нив минале низ негови раце или максимално ги следел во развојот.




