hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Со манири на голема селекција, Македонија се прошета низ Сент Гален

deki

Квалификации за ЕП - Полска 2016

Швајцарија - Македонија 17:26 (8:15)

Во убав амбиент во малата „Кројсблахе арена„ во Сент Гален, македонските и швајцарските навивачи беа подеднакво бројни на трибините, на кои имаше 2337 гледачи со платени билети. По победата на Франција во Брно против Чешка, нашите ракометари поопуштено влегоа во мечот и капитенот Кирил Лазаров не ризикуваше и остана на клупата. Нашите момци добро го почнаа мечот и со головите на Миркуловски, Митков и Кирил Лазаров од седмерец, поведовме со 3:5 во 8 минута. Кога Влатко Митков погоди по втор пат во 14 минута, момците на Обрван веќе имаа најубедливи 3:7, па швајцарскиот селектор Брак побара тајм-аут.

zuti

Шмит реагираше и со мини-серија од 2:0 намали на 5:8. Кирил Лазаров со третиот успешно изведен седмерец, ги валоризираше одбраните на Ристовски (6 одбрани во 20 минути) и за прв пат ни подари водство од +6. Нашата разноврсна игра, одбраните на Борко, головите на Прибак и Георгиевски доведоа до огромни 6:14 во 27 минута. Со високи 7 разлика заминавме на одмор и покрај примениот гол со звукот на сирената, во одлично полувреме на нашите момци. Вториот дел продолжи со расположениот Ристовски на голот, но и Митков, Миркуловски и Георгиевски погодуваа за 9:17. Со два гола десниот бек на Швајцарија, Јонас Далер ги одржуваше домаќините во едноцифрено заостанување. „Црвените„ полека ја топеа нашата предност и Андре Шмит, кој игра во Рајн Ловен Некер, со својот четврт гол постигнат од чекор, реализираше за 12:17.

stoilov

Стоилов со две реализации од линијата, на половина од вториот дел ги одржа најчестите +5. Кога Димитриј Кутел погоди за својот втор гол, Обрван побара тајм-аут при 14:19. Но на секој обид швајцарците да се одлепат, нашите момци одговараа со позитивна серија. Гоце Ојлески со лоб удар и капитенот со нов седмерец, во 52 минута ги оддалечија швајцарците на цели 8 гола. Ојлески реализираше од позиција на лево крило во 57 минута за највисоки 16:25. На крајот погоди и Младиот Филип Талевски. Со многу рутина и полесно од пред две години во Цирих, Македонија и без своите клучни ракометари, како што играат големите репрезентации ја совлада Швајцарија со 17:26. Во нашата репрезентација, капитенот Лазаров постигна 5 гола од седмереци, Стоилов и Митков додадоа по 4, а Борко Ристовски имаше 11 интервенции. Во швајцарскиот табор, Андре Шмит со 4 гола и младиот голман Андреас Портман со 10 одбрани беа најпозитивни. Нашата делегација со чартер лет веднаш по мечот се враќа за Скопје.

фото - ЕКИПА.мк

Share