hummel Logo 160

skolo logo fb

OFF

Барса во финалето на Купот и без максимален труд

angelhimenez

Куп на шпанскиот Крал - Полуфинале
Барселона - Анхел Хименез 34:23 (15:12)

Шест дена по освојувањето на Лигата на шампионите, ракометарите на Барселона имаа ново полуфинале и нова мисија. Во Хихон против Анхел Хименез мораа да потврдат дека славјето од Келн одамна заврши. Мечот започна многу израмнето и до 5:5, двете екипи имаа свои моменти. Тунижанецот Жалуз го почна мечот и постигна два гола во раната фаза од мечот. Тимот на Анхел Хименез возврати преку Баена од линијата и Моја Флоридо од позиција на лево крило.

Тогаш во 13 минута, Раул Ентрериос и Виктор Томас погодија од контранапади за 7:5 за Барселона. Шариќ беше се подобар меѓу стативите и Томас со својот втор гол во 20 минута, зголеми на 9:7. Васкез Диз и Моја Флоридо за половина минута реагираа за 10:9 во 24 минута. Со таа инерција и минимална предност на каталонците заврши првиот дел. Нодесбо и Арињо реализираа за 15:12 на одмор. Вториот дел започна во знакот на Гурбиндо и Сармиенто, кои реализираа од првите обиди за 17:14 во 35 минута. Капитенот Томас лесно ги материјализираше добрите потези и цврстината на одбраната и со лесни голови во 40 минута зголеми на 22:17.

angel-ximenez-barcelona--644x362

Анхел Хименез одговори со два гола на Мичан, но сега се разбуди Сигурдсон и постигна два гола за 24:18 во 42 минута. Отпорот на противникот беше скршен и предноста растеше. Гурбиндо и Раул Гонзалез погодија низ блокот за веќе високи 26:18 во 44 минута. Муњоз Бандера и Мичан ја прекинаа серија на фаворитот, но предноста од 7-8 гола и беше висока и Анхел Хименез не оставаше впечаток дека може да ја лови. Жалуз се врати во игра и во 55 минута за прв пат ја направи предноста двоцифрена (31:21). На крајот и без неколку стандардни првотимци, кои немаше потреба да настапат незалечени (Рутенка, Саубич, Гонзало и Лазаров) Барселона го доби Анхел Хименез со 34:23 и обезбеди пласман во финалето на Купот на шпанскиот крал. Во победничката екипа, Шариќ собра 22 одбрани, Томас даде 8 гола, Арињо и Сармиенто по 4. Кај Анхел Хименез, најефикасен беше Васкез со 5 гола, Мичан даде 4, а голманот Ондаро имаше само 8 одбрани. Противник на Барселона во финалето ќе биде поуспешниот од второто полуфинале помеѓу Грањолерс и Хуанферса.

Комплетниот извештај од натпреварот можете да го погледнете ТУКА:

You need to a flashplayer enabled browser to view this YouTube video

Share