Шампионите знаат да играат и фудбал

Како што многу често се случува и на тренинг, ракометарите на Барселона знаат да одиграат фудбалски меч меѓу себе, но никогаш не играле на големиот „Ноу Камп. Сега како дел од традицијата на клубот, во која секое спортско друштво кое ќе стане европски првак ќе игра ревијален меѓусебен фудбалски меч, новите европски ракометни прваци мораа на фудбалски терен. Лазаров и соиграчите, членовите на стручниот штаб и сите заслужни за триумфот во Келн, минаа убаво попладне како замена за тренинг.
Резултатот беше во втор план, а веднаш по мечот, сите уморни од напорите на мечот, присуствуваа на свечена вечера во организација на клубот. Веќе од утре нормален тренажен процес, а во петок експедицијата на Барселона патува за Астурија, каде во Хихон за време на викендот ќе се игра завршницата на Купот на шпанскиот Крал.




