Томас: „Денес бевме перфектни и во одбраната и во нападот„

На официјалната прес-конференција двајцата шпански тренери беа едногласни дека поквалитетната екипа ја однесе победата и трофејот, а капитенот на Барса, Томас откри дека поразите на последните два турнири, ја направија екипата посилна.
„Многу сум горд на екипата и на настапите цел овој викенд во Келн. Луѓето можеби мислат, каква само екипа имам јас, но верувајте не е лесно да се освои секој трофеј„ беше јасен тренерот на новиот европски првак, Хавиер Пасквал. „Честитки за Барселона. Тие беа подобри од нас вечерва. Не можевме во ниту еден момент да го сопреме Никола Карабатиќ. Нивниот напад беше подобар од нашиот. Неколку наши ракометари можеби беа уморни од вчерашниот натпревар. Но нашата сезона е одлична.

Ние загубивме само три мечеви цела сезона„ рече пред медиумите бившиот ракометар на Барселона, а сега тренер на Веспрем, Антонио Ортега. Капитените на двете екипи исто така имаа свое видување за финалето. „Денешниот наш меч во двете фази и во нападот и во одбраната беше фантастичен. Последните два турнири загубивме во продолженија од Хамбург и на пенали од Фленсбург и затоа работевме многу на деталите.
Честитки за цела група на ракометари. Ја заслуживме титулата„ рече Виктор Томас, кој по трет пат стана европски првак, втор пат како капитен. „Можеби бевме и малку уморни, но тоа не е алиби. Горд сум на екипата и сакам да им се заблагодарам за одличната сезона, како и на нашите навивачи што дојдоа во Келн. Направивме голем чекор напред за разлика од минатата сезона и ќе продожиме да работиме и идната„ рече Наџи, кој токму со Барселона беше шампион во Келн пред четири сезони.




