Вонсерискиот Карабатиќ ја донесе Барса на врвот на Европа

Final four 2015 - Финале
Барселона - Веспрем 28:23 (14:10)
Првото меѓусебно финале на Барселона и Веспрем во Лигата на шампионите комплетно ги оправда очекувањата. Финалето со свој гол го отвори најдобриот стрелец во сезоната, Момир Илиќ. Реплицираше Карабатиќ со нова инвидуална мајсторија (1:1). „Летечкиот„ Сигурдсон од неверојатен агол за прв ја доведе Барса во водство во 7 минута. Следуваа две „минијатури„ од спротивната страна, каде Томас погоди за 5:3 во 9 минута.
Нашиот Лазаров доби удар во мускулот и рано по само 10 минути мораше да биде заменет од Гурбиндо. Играта стана се погруба и по исклучувањето на Виран Морос, следеше две минути исклучување и за Мирсад Терзиќ. Ортега побара тајм-аут на половина полувреме при 7:5 за каталонците. Разновидната игра на Барселона за прв пат доведе +3 во 21 минута, кога Сигурдсон пронајде агол да го матира Алиловиќ (9:6). Но унгарските вечерва „бели„ имаа одговор со головите на Наџи и Маргуч и намалија на 9:8. Пак следеше период на шпанците и со головите на Сармиенто и Карабатиќ (два гола), во 27 минута Барса ги донесе највисоките +4. Првиот дел го затвори французинот Карабатиќ со својот четврт гол за 14:10 на одмор.

Лазаров и на последниот тајм-аут и на полувремето се обидуваше, но болната гримаса на неговиот лик кажуваше дека чувствува болка. По обостраниот збркан старт на вториот дел, Раул Ентрериос од одпадок во 34 минута за прв пат предноста ја донесе до +5. На головите на Наџи, одговор секогаш имаше Карабатиќ и меч во меч беше дуелот на французинот против унгарецот.Нивото на Веспрем се подигаше и Иванчик од позиција на лево крило го надмудри Шариќ за 19:16 во 40 минута. Лазаров се врати во игра на 20 минути до крајот и покрај болките и дилемите дали може да помогне. Наџи го продолжи своето шоу и со седмиот гол намали на 19:17. И со видлива болка, Лазаров два пати се обиде и биеше кон голот на Веспрем, без среќа да реализира. Но Сигурдсон ја искористи бркотницата и од контра погоди за 20:17.

Авторитетно каталонците ги вратија највисоките +5 со голот на Сигурдсон од позиција на пивотмен во 51 минута. Ортега побара тајм-аут кога Карабатиќ го даде својот шести гол за 24:18 во 53 минута. По двојното исклучување на Виран Морос и Карабатиќ, Веспрем намали на 25:21 преку Сулиќ во 56 минута. Но со манир на искусна и голема екипа, Барселона го приведе мечот кон крај за финални 28:23 и европска титула. Конечно Лазаров успеа од третиот обид да го освои трофејот кој му недостигаше. Во тимот на Барселона како и вчера одличен беше Никола Карабатиќ со 6 гола, Сигурдсон постигнаа 5, а Гурбиндо авторитетно го замени Лазаров и даде 6 гола. Во тимот на Веспрем, Наџи со 8 и Илиќ со 5 гола беа најдобрите поединци. Барселона по три сезони пак е европски првак, што е деветта титула во Купот, а осма во Лигата на шампионите.




